ПАНДА ЛАБС ЗА ПРАВЕДНА ТРАНЗИЦИЈА

17 ученици од СОТУ ,,Ѓорѓи Наумов” успешно ја завршија обуката од проектот „Панда лабс џуниор за праведна транзиција“ и ќе учествуваат на натпревар – хакатон, кој ќе се одржи од 19.06.2022 до 21.06.2022 во хотел Дрим – Струга.
„Панда лабс џуниор за праведна транзиција“ е регионален проект фокусиран на младите (15-25) во регионите со јаглен во Бугарија, Црна Гора, С. Македонија и Република Србија.
Целта на проектот е преку вмрежување, да се зајакнат претприемачките вештини кај младите и да се поттикнат да останат и да основаат бизниси или да работат за новоформирани зелени старт-ап компании и индустрии во нивните заедници.
На долг рок, целта е да се креира локална мрежа на зелени претприемачи, кои ќе се посветат на технолошките и социјалните проблеми при транзицијата на нивните локални економии од економијата заснована на ископување јаглен.
Партнери во проектот се Џуниор Ачивмент Македонија, Џуниор Ачивмент Бугарија, СФП Адриа – Србија и Еко тим од Црна Гора.