Електротехничка

               Електротехничката струка нуди образование во сферата на компјутерската техника и автоматиката, електрониката, телекомуникациите и електроенергетиката. Од учебната 2019/2020 година во училиштето започнува да се реализира образовниот профил Техничар за индустриска мехатроника. Овој образовен профил претставува имплементација на дуалното стручно образование во соработка со компанијата Кромберг и Шуберт и Делегацијата на германското стопанство во Република Северна Македонија. Од оваа учебна година, квалификацијата електротехничар енергетичар влегува во состав на дуалното образование на тој начин што учениците ќе посетуваат зголемен број на часови по практична настава во ФОД Новаци.

               Училиштето располага со соодветни просторни и материјални ресурси за квалитетно изведување на наставата и стекнување на знаења и вештини од областа на секторот електротехника. 

               По завршувањето на средното четиригодишно образование, учениците од овој сектор можат да го продолжат своето образование на сродни високообразовни институции во државата и пошироко. Повратната информација која ја добиваме од нашите бивши ученици е дека тие одлично се снаоѓаат на факултет и добро се потковани со знаење од средното техничко училиште. 

               Оние ученици кои го завршуваат средното образование полагајќи завршен испит или пак стекнале диплома за тригодишно стручно образование, веднаш можат да одговорат на барањата на пазарот на трудот во локалните компании, државни и приватни фирми. Во таа насока, дел од часовите по практична настава се изведуваат токму во таквите локални фирми, со цел учениците уште при образованието во средното училиште да добијат јасна слика за активностите и работните обврски на кои треба да одговорат во иднина.