Патрон

Ѓорѓи Наумов    лирски логос на срцето

Кога зборуваме за Ѓорѓи Наумов, патронот на нашето училиште, зборуваме со лирскиот логос на срцето. Зборуваме за еден извонреден, изворен и митски јуначки тестамент, фасцинантен и доследен, многу личен и истовремено толку универзален.

Неговиот живот е само еден, единствен драмски чин, на врвот на самиот почеток на животот, врв на драмата и драматиката на едно наше историско ходочастие по неизвесните крстопати на животот и смртта. Човековата гордост им е спротиставена како спасоносна поента.

Неговиот лик испливува од самата наша душа, од длабочините на нашето битие. Роден е на 18 јануари 1916 година во селото Битуша  леринско, со срце што ја носи душата на светот во себе, во својата татковина како мала земја меѓу световите, секогаш на работ на исчезнувањето и секогаш голема во истрајувањето на нејзините корења од коишто ја црпи силата на опстојувањето.

Борбениот пат на Ѓорѓи Наумов   трае пет бурни години. Започнува во 1937  кога станува член на СКОЈ, продолжува во 1941 како член на КПЈ и на 22април 1942 година станува прв командант на Првиот битолски партизански одред ”Пелистер”, формиран во зелените соништа на Лавчанската корија, и завршува на 19 јули 1942 година.

Во одредот тој бил неопходен како командант, зашто само тој го имал отслужено воениот рок, само тој знаел да ракува со оружје, а бил шофер и автомеханичар по занает, знаење што му послужило и во Нирнберг, каде престојувал како воен заробеник.

На почетокот на организираното воено дејствување, одредот се соочува со страшна априлска провала. Бугарските фашисти со воени и полициски сили го разбиваат одредот, а борците ги апсат.Пред воениот фашистички суд во Скопје се изведени 30 партизани, главно комунисти и скоевци. На смрт со бесење се осудени : Ѓорѓи Наумов, Блаже Димитровски Рогозинаро и Кочо Десано, а сите други се осудени на доживотен затвор.

Ѓорѓи Наумов, во скопскиот фашистички затвор е обесен на 19 јули 1942 година. Со јажето на вратот беше присилуван да влезе во пеколот на предавството, но умре непоколеблив, пеејќи ги на македонски јазик Интернационалата и Марселезата. Умре храбро, во услови кога се градеше авторитетот на антифашистичката борба, поставена на космичка основа, во чијшто крвоток се прелеа традицијата на една беспоговорна епска машкост, со векови негувана во македонските семејства.

Ѓорѓи Наумов ја доведе до трагични околности и неговата љубена Стојанка осудена без вина на 15 години затвор. Само неколку месеци по супериорната смрт на Ѓорѓи Наумов, во затворската ќелија ќе бликне нов живот, синот Ѓорѓи Наумов.

Секавичното бесење на Ѓорѓи Наумов, претставува дезилузионистичко сведоштво за грозната и грозоморна игра со македонската национална судбина и со судбината на целото прогресивно човештво, еден историски од до себеси, хуманистички ослободувачка синтеза за нас самите во историјата и на историјата во нас самите.

Од неколкуте интересни секвенци за историјата на семејството, добиени од живите потомци на Ѓорѓи Наумов се дознава дека, од комитските времиња датира семејниот судир со социјалната и над се националната неправда зашто во нивното семејство можело добро да се живее. Имале чифлиг во селото Логоварди и бакалница во Битола, купени од печалбарските пари на таткото Васил, заработени во Романија, Америка и Австралија. Ја прехранувале целата поширока фамилија и речиси сите сиромашни во Логоварди. Тоа зборува дека, кај Ѓорѓи Наумов и неговиот брат, легендарниот Стив Наумов, народен херој, била јасно издиференцирана националната свест во космополитски размери, во што се состои морално историската и хуманистичка димензија на нивната борба.

Во виорот на Втората светска војна, топлата душа на мајката Јана, залутана по патиштата и беспаќата, по надежите и распаќата за да ја победи злата коб на убиствата на синовите, ги става на коцка сите мистични и ирационални сили за да се соочи со болната вистина за херојската смрт на двата сина дури во 1954 година, кога од Скопје во Битола се пренесени посмртните остатоци на Ѓорѓи Наумов, а за гробот на Стив ништо не се знае. До ослободувањето, за смртта на Ѓорѓи и Стив, знаел единствено, само, нивниот постар брат Сотир.

Ѓорѓи Наумов е личност, уште повеќе човек, носител на колективната душа на целиот свет, во време што беше никому непотребна кланица на луѓе, со војски во бесконечен поход по ништото, време одложено за незаборав во кое индивидуалната хероика не ги решава големите историски прашања, но ако таа индивидуална супериорност се прелее во колективна хероика, тогаш борбата не е обична реплика со историјата зашто виталитетот на човештвото влегува во еден нов светоглед, кога надежта ќе го измени алогичниот статус на дезориентацијата и нихилизмот, и човекот од најцрната страна на неговото паѓање ќе го искачи на една друга надежна страна на возобновени и подзаборавени сништа.

проф. Снежана Петровска