Проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието (МИМО)

Училиштето е вклучено во реализација на Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Во таа насока во изминатиот период се реализирани повеќе активности.

На 8 јуни 2018 година во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола се одржа промоција на краткометражниот филм изработен од страна на учениците од училиштето под менторство на професорките Цветанка Митревска, Гордана Танеска и Цанка Наумовска.Краткиот филм „Битола – отворен град за секого“ ги отсликува идеите и иницијативите на младите за подобрување на нивната заедница, а содржи и приказ на неколку знаменитости од културен и историски карактер во градот кои се значајни за различните етнички заедници.

Филмот е финален продукт од повеќемесечнотo учество на учениците во креативни работилници и форум театри, како дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Целта на креативните процеси во коишто беа вклучени младите е да им се понудат алтернативни алатки и иновативни пристапи кои ќе придонесат за зајакнување на учеството на младите во меѓуетничкиот дијалог во училишната и пошироката заедница и да ги зголемат граѓанската свест и демократското однесување меѓу младите.

Во учебната 2018/2019 година беше реализиран проектот „Разликите како фактор за зближување“ во партнерство со ОСТУ „Гостивар“ од Гостивар. Учениците од двете училишта учествуваа во спортски натпревари и изложба на фотографии од стара архитектура на Битола и Гостивар.

Минатата учебна година, нашето училиште партнерски аплицираше и доби грант за МИО проект со ССОУ „Моша Пијаде“ од Тетово. Проектните активности беа реализирани во ноември и декември 2021 година, при што во Битола и Тетово, група на ученици и наставници реализираа активности за меѓуетничка интеграција правејќи повеќејазични еко пароли, а беа посетени и културно-историски знаменитости кои се обележје на двата града.