Општината Битола, во која работи Средното општинско техничко училиште „Ѓорги Наумов“, спаѓа во поголемите и поразвиени општини во Република Северна Македонија. Во градот и околината функционираат повеќе значајни стопански субјекти со кои училиштето има долгогодишна континуирана соработка. Од поголемите компании ги издвојуваме Кромберг и Шуберт, РЕК – Битола, ФОД Новаци, но и многу други помали компании и фирми во кои наши ученици реализираат практична настава. Од септември 2019 година во соработка со Делегацијата на германското стопанство во Македонија, во компанијата Кромберг и Шуберт се реализира дуално стручно образование по германски стандард за квалификацијата Техничар за индустриска мехатроника. Од учебната 2021/2022 година воведуваме дуално стручно образование со ФОД Новаци за квалификацијата електротехничар енергетичар. Училиштето соработува и ќе продолжи да соработува и со повеќе други институции, невладини организации, како и со Регионалната занаетчиска комора.
Кон нашето училиште гравитираат и ученици од општините Ресен, Демир Хисар и од блиските општини Новаци и Могила во кои нема средни училишта. Исто така, факултетите при универзитетот „Св. Климент Охридски“ придонесуваат за интересот на учениците за нашето училиште. Голем број ученици по завршувањето на средното образование продолжуваат со школување на овој универзитет.