Со заеднички заложби за штедење на електичната енергија си помагаме себеси и на државата

Учениците од III година од нашето училиште од профилот Електротехничар – енергетичар и оваа година беа дел од проектот “Со заеднички заложби за штедење на електичната енергија си помагаме себеси и на државата” во продолжение на проектот “Заштеда на енергетските ресурси и материјални троошоци на училиште и дома”, кој го спроведува здружението на граѓани за промоција на регионална соработка – „22 НЕНТОРИ“ и  со поддршка на АД ЕСМ – Електрани на Македонија, АД МЕПСО, РЕК Битола, фабриката за опрема и делови АД ФОД Новаци, ЕВН Македонија, СОТУ „ЃОРЃИ НАУМОВ“ – Битола и ОПШТИНА БИТОЛА, на кои воедно им изразуваме голема благодарност, како на раководниот кадар, така и на инженерите и другите стручни лица кои достојно не пречекаа во објектите и несебично ни ги презентираа истите.

По повод 5 Мај – меѓународниот ден на енергетската ефикасност, на 8 Мај учениците реализираа посета на термоелектраната при РЕК Битола со цел да се запознаат со процесот и елементите кои учествуваат во производството на електричната енергија со помош на фосилно гориво јаглен. Тие се запознаа со  функцијата на котлите, видот на турбините, моќноста на генераторите, нивната конструкција, начинот на ладење, видот на возбудата, патеката на работниот флуид, разладните кули, излезните трансформатори и друго.

 

На 15 Мај учениците ја посетија трансформаторската станица Битола 2 со 400/110kV напонско ниво, во владеење на АД МЕПСО во Битола која е од голема важност за енергетскиот сектор во земјата и преку која се врши поврзување на енергетските системи на соседните земји. Тука учениците се запознаа со електроенергетската постројка, со нејзините елементи и уреди, нивната функција и принцип на работа, со собирниците, раставувачите, прекинувачите, мерните струјни и напонски трансформатори, со автотрансформаторите, со управувањето и манипулацијата со овие елементи и друго.

 

На 29 Мај учениците ја посетија фото волтаичната станица „СОЛАР ПАРК“ во близина на битолското село Лисолај каде што беа запознати со елементите на овој објект, видот и моќноста која ја произведуваат панелите, како се поврзани меѓу себе, каде се спроведува произведената моќност, како истата се конвертира од еднонасочна во наизменична, потоа како се подигнува од 0,4kV на 35kV напонско ниво и по кој далновод се испорачува во електроенергетскиот систем.

 

На 05 Јуни учениците ја посетија хидро електричната централа „Сапунчица“, лоцирана во подножјето на Националниот парк Пелистер, во селото Дихово. Таму се запознаа со процесот и елементите за производство на електрична енергија од овој обновлив извор, водата, како што се видот на турбините, патеката на работниот флуид, моќноста на двата генератори, возбудата на генераторите, елементите за пренос на произведената енергија, како и со управувањето, кое кај оваа централа е далечинско.