Чествување на патрониот празник на Училиштето
На 31.5.2023 година, во фоајето на објектот, Средното општинско техничко училиште ,,Ѓорѓи Наумов”- Битола, го означи чествувањето на патрониот празник на Училиштето, во пригодна атмосфера и присуство на ученици и професори од истото. Литературно- музичкиот перформанс, во заедничка организација на учениците и професорите, беше инспиративен и во духот на младешкиот интерес, проследен со поетско читање и музички изведби на песни од познати домашни и странски пејачи и групи. Водител низ настаните и претставувањето на учесниците беше матурантката Тамара Ѓелевска, која со топол и непосреден приод кон поважните моменти што ја одбележаа учебната 2022/2023 година, ѝ даде на целокупната изведба посебен белег. Свое видување на доживувањата за кои ,,шепотат училишните клупи” ни доловија матурантите Ивона Стерјевска, Стефан Китановски и Кирил Божиновски, а во отсуство на нивните соученици Мила Василевска и Стефан Станковски, симпатично и помалку треперливо ни се претставија нивните помлади другарки Тамара Стојковска и Александра Гилевска, ученички во втора година. Дека и помладите ученици се желни за учество во настани од ваков тип, сведочи претставувањето на Сара Чагоровска, Алексеј Попов и Ристијан Ристески, исто така ученици во втора година, кои низ ,,Теории за зборот и животот” ни подарија делче мудрост, делче поезија, како нераскинлива нитка на човековото суштествување во Светот. Во континуитет на рециталот, со својата инструментална и вокална придружба, одушевија младите и талентирани музичари, исто така ученици во нашето училиште, Димитар Србиноски, Мартин Гроздановски и Павел Талевски.