Кога би зборувале училишните клупи

По повод стогодишнината од постоењето на Средното економско училиште ,,Јане Сандански”- Битола, ученици од нашето училиште зедоа учество со свои литературни творби на објавениот конкурс на Училиштето, на тема: Кога би зборувале училишните клупи, под менторство на проф. Наташа Младеновска- Лазаревска. Ученичката Мила Василевска, матурантка од IV-7 клас, беше наградена меѓу трите најдобри творби во категоријата ученици од средните битолски училишта. Нејзината поетска творба е во продолжение на овој текст.

(Реверзна поезија)

,,Кога би зборувале училишните клупи’’

 

Двострани ретроградни импресии

 

Ова беше убаво искуство

сакам да останам тука

повеќе нема да речам

да заминам од овој момент

од овој затвор

од овие клупи

луѓето кои четири години ги знам

нема да ми фалат

со ова нема да се сложам

дека ми беше мило да седам тука

Знам

но таму е местото каде што сакам да бидам

никој не може да ме увери во тоа

Не

дека беше вистински морално 

не беше забавно и интересно

не е вистина дека

постигнавме многу. 

 

(Начин на читање: 1. од горе на долу 2. од долу на горе)