Каде е иднината на образованието?

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Машинскиот факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ), заедно со партнерите Македонија 2025 и Халкбанка, организираа еднодневна работилница за отворен дијалог, која се одржа на 27.01.2023 (петок) во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) со почеток во 11:00 часот.
Работилницата имаше за цел размена на мислења за иднината на образованието при што посебен фокус беше ставен на поттикнување на родовата еднаквост, зајакнат развој на STEM дисциплините (STEM – science, technology, engineering, mathematics), размена на иницијативи и искуства за дополнителна мотивација на учениците, како и фокус на зелени иновации во стручното образование и обука.
За време на работилницата беше промовиран и Натпреварот за зелени иновации за учениците на средните училишта 2023 година. Наградите за победничките тимови и наставниците ментори, ги обезбедуваат нашите партнери Македонија 2025 и Халкбанка. На овај натпревар насловен ,,Најдобар Бизнис Концепт за 2022″ минатата година, нашите ученици под менторство на м-р Илче Ацевски го освоија второто место. На настанот заедно со Илче Ацевски беа присутни и д-р Жанета Сервини – Директор и м-р Љупчо Здравковски – Помошник Директор во нашето училиште.
На работилницата говорници беа претседателот на МАНУ, Академик д-р Љупчо Коцарев, Проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија 2025, м-р Беркан Имери, раководител на сектор за финансиско управување, во Халкбанка АД Скопје, Доц. д-р Трајче Велковски, раководител на Центарот за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации, Машински факултет Скопје, д-р Јана Проданова од МАНУ, Нена Манчев од Македонија 2025, Џан Мемед, Директор на дирекција за корпоративни клиенти, Халкбанка АД Скопје и Проф. д-р Радмил Поленаковиќ, Машински факултет, УКИМ и Претседател на НЦРИПУ Скопје, кој воедно беше и модератор на настанот.