Меморандум за соработка меѓу СОТУ “Ѓорѓи Наумов“ и “Анлимитед Кодерс“ Битола

Денес во просториите на СОТУ “Ѓорѓи Наумов“, в.д. директорката на СОТУ “Ѓорѓи Наумов“ Битола д-р Жанета Сервини и директорот на “Анлимитед Кодерс“ Битола, Благојче Талески, потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспостави долгорочна стручна, образовна и апликативна соработка помеѓу Техничкото училиште од Битола и успешната компјутерска компанија.

Со тоа е направен првиот чекор кон отворање на нова дуална паралелка со зголемен број на часови по практична настава за профилот електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Во следниот период ќе бидат потпишани уште три слични меморандуми со софтверски компании. Ова е “win – win“ комбинација. Со склучување на меморандумите фирмите инвестираат во младите, но инвестираат и во својата иднина, бидејќи ќе имаат можност перспективно да регрутираат и селектираат квалитетни кадри, со солидни стручни знаења, но истовремено и спремни за работа во тим и за развој на софтверски проекти.

Соработката на Техничкото училиште со „Анлимитед Кодерс“ ДООЕЛ Битола е воспоставена минатата година, кога група солидни ученици, под менторство на професорот Јани Сервини реализираа практична настава по предметот, Учење преку работа во оваа компанија. Со ваквите активности се очекува придонес во задржувањето на младите во земјата и во нашиот град и услови за создавање на едуцирани кадри од оваа ценета и најскапо платена професија, кои веднаш ќе бидат подготвени да ги задоволат барањата на пазарот на трудот.

Преземено од BitolaNews