Доделени наградите „Киро Галевски“ на најуспешните математичари

Вчера, на пригодна средба беа доделени овогодинешните награди „Киро Галевски“. Наградите се доделуваат на најуспешните математичари од нашето училиште кои постигнаа забележителен успех на натпреварите по математика. Како и изминатите неколку години, наградите ги доделува г-нот Сашо Галевски, сопственик на компанијата Галетекни. Тој им честита на учениците и им посака уште многу вакви и поголеми успеси по предметот математика. Наградените ученици и ментори се следните:

Кој е Киро Галевски?

Роден е во 1937 година во с. Долно Српци. Од мала возраст покажал интерес за науката. По завршување на четврто одделение во локалното училиште ги убедил своите родители да го упатат на дошколување во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола. Условите за еден ученик на 11-годишна возраст во ученичкиот дом биле тешки, но љубовта кон науката била посилна.

По матурирањето се запишува и ја завршува Вишата педагошка академија – отсек математика во Скопје. Следува вработување како наставник во рдоното село и околијата по што по неколку години станува професор по математика во гимназијата „Јосип Броз Тито“ каде работи до 1968 година.

Следните две години се враќа во студентските клупи и дипломира на Природно-математичкиот факултет во Скопје на отсекот математика.

Од 1970 до 1978 година работи како професор по математика во средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола. Потоа се вработува како самостоен советник по математика во Заводот за школство – Битола каде и се пензионира во 1996 година како раководител на таа институција.

Повеќе од две децении беше носител на органиозацијата на општинските и регионалните натпревари по математика, како и активен учесник во организацијата на републичките натпревари организирани преку математичкото списание Нумерус. 

Во својата плодна кариера се истакна како квалитетен составувач на натпреварувачки задачи и успешен ментор на многу ученици-натпреварувачи.

Зад себе остави голем број рецензии на одлични учебници по математика.

Беше ценет и баран професор кој остана во пријатно сеќавање на голем број генерации. И покрај својата строгост, беше одличен педагог и несебично и методолошки го пренесуваше знаењето кај учениците.

Плодниот живот го заврши во 2011 година.

Благодарност од страна на Училиштето за пријатната средба и доделените награди на учениците. Честитки за учениците и менторите!