Успех за респект

На 09 и 10.05.2022 година се реализираше третата работилница за развојни микропроцесорски системи во организација на компанијата Логинг Електроникс и Факултетот за електротехника и информациски технологии. На работилницата зедоа учество 30 ученици и 28 професори од девет средни училишта за техничко образование од Македонија, како и стручниот кадар на Логинг Електроникс и професорите од ФЕИТ. Основната цел на работилницата е промоција на електротехниката и давање техничка и професионална поддршка на учениците и професорите од средните стручни училишта во државата.
Работилницата на проектот „Технологија за тебе“ се состоеше од повеќе активности: стручни и научни предавања од повеќе актуелни области од електротехниката, натпревар од областа на развојни микропроцесорски системи, презентација на средношколски проекти и најнови технолошки достигнувања во полето на вградливите микрокомпјутерски системи.
Во првиот дел од работилницата фокусот на предавањата беше поставен на концептот на отворено образование и примената на машинското учење и науката за податоци во средното стручно образование.
Во понатамошниот тек од настанот, учениците се натпреваруваа во практична реализација на електронски кола и развојни програмабилни системи, како и преку презентација на разни практични решенија со употреба на опремата донирана од Логинг Електроникс.
На натпреварот учествуваа нашите претставници Бобан Бошевски и Дамјан Велјановски од IV-5 клас под менторство на професорите Јани Сервини и Душан Стојковиќ. Во мошне силната конкуренција, Бобан и Дамјан постигнаа извонреден успех освојувајќи го првото место. Со тоа само потврдија дека СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ е средина на квалитетни и успешни ученици со кои е задоволство да се работи.
Успех за респект!!!…Честитки за учениците и менторите…БРАВО!!!