Завршен настан од проектот за реконструкција на покривот и дограмата

Денес, во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ свечено беше одбележано завршувањето на проектот за реконструкција на покривот и дограмата на училиштето. Овој проект се реализира со донација на Амбасадата на Република Бугарија во вредност од 133000 евра и кофинансирање од Општина Битола во вредност од 27000 евра. Со овие средства целосно се замени покривот на училиштето со пластифициран лим и се постави нова ПВЦ дограма. Во денешната посета учествуваа бугарскиот амбасадор во нашата земја Ангел Ангелов, генералниот конзул Димитар Иванов, заменик градоначалникот на Општина Битола Бојан Бојкоски и многубројна официјална делегација од бугарската амбасада во Македонија.

Најпрво, срдечно добредојде на гостите им посака директорот на училиштето Владимир Роме, по што свои поздравни обраќања имаа амбасадорот и конзулот на Република Бугарија. Следуваше поетски рецитал во кој учествуваа наши ученици под режија на професорката по македонски јазик Билјана Маринова, а во позадина на видео бим беше презентирано она што е имплементирано од средствата за проектот. Потоа, гостите обиколија дел од училишните капацитети и на лице место ги увидоа резултатите од донацијата. Училиштето доби подобар енергетски биланс, заштеда на енергија и далеку подобар естетски изглед. Условите за работа на учениците и вработените се далеку подобри. Како училиште, јавно им изразуваме огромна благодарност на Aмбасадата на Република Бугарија и Општина Битола за донацијата со која се решија долгогодишни проблеми со покривот од азбестни плочи и дотраената дрвена дограма.