Волонтерско признание за професорот Илче Ацевски

Вчера, на Илче Ацевски – професор во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, од страна на Локалниот Совет за волонтерство на Општина Битола му беше врачено волонтерско признание за најголем придонес во волонтерска иницијатива за 2020 година. 
Со почетокот на пандемијата се појави недостаток на медицинска опрема, пред сѐ за медицинските лица во земјава кои беа најизложени на ризик од заболување од Ковид-19. Од оваа потреба произлезе формирањето на групата „3Д Принт Медицинска Опрема“, која дизајнираше и изработуваше визири со помош на 3Д принтери. Професорот Ацевски се вклучи во акцијата со свои два 3Д печатари и со два од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, од кои едниот е добиен од Фондот за иновации и технолошки развој. Во акцијата учествуваа и наши бивши ученици преку нивната партнерска фирма 3Мод тим, Благојче Стојчевски и Горан Веловски и уште неколку дечки со 3Д принтери. Преку акцијата беа донирани визири во скоро сите медицински установи во Битола, а особен придонес во целата приказна даде нашето училиште и фирмата „Бабук“ од Битола кои донираа 1000 пластики вералит.
Благодарение на волонтерската работа на професорот Ацевски и вложувањето на сопствен материјал, изработени и донирани беа визири за сите основни и средни училишта, за УКЛО, дел за Општина Битола, дел за градинките ЈОУДГ „Мајски цвет“ и ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“ – Битола. Сево ова го чинеше професорот Ацевски тримесечен волонтерски и финансиски ангажман, преку кој тој лично изработи и донира над 1400 визири.
Браво за професорот Илче Ацевски, браво за вложениот труд и честитки за заслуженото признание.