Училиштето добива нов сјај…

Изминатиот период во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола се одвиваа градежно-реконструктивни зафати на повеќе позиции во училиштето. На тој начин се решени повеќедецениски проблеми со кои се соочувавме и значително се подобрени условите за работа на учениците и вработените.

Имено, минатиот месец заврши промената на целата кровна конструкција и старите азбестни плочи се заменети со нова лимена пластифицирана покривка. Целосно е сменета дотраената и оштетена дограма со нова ПВЦ дограма. Со тоа, енергетската ефикасност на објектот е значително подобрена. Поставена е нова громобранска инсталација на покривот од училиштето со што е решен долгогодишниот проблем со заштитното заземјување. Минатата недела се поставени ЛЕД рефлектори на фасадата од училиштето, а во тек е монтирање на ЛЕД осветлување во сите простории и ходници.

Завршена е постапката за јавна набавка за бојадисување на 24 училници и кабинети. Ролозавесите за сите училници и наставнички кабинети се веќе изработени и се чека да заврши бојадисувањето за истите да бидат монтирани. Ќе се санираат оштетените скали на влезот од училиштето, административниот дел ќе се опреми со нов мебел…Целосно ќе се реконструираат службените тоалети…

Следува набавка на персонални компјутери од актуелната генерација за целосно опремување на четири кабинети, видеобимови, салата за состаноци ќе добие целосно нова димензија, паркетот во спортската сала ќе се освежи…А надворешните спортски терени на училиштето?…Е па тие ќе бидат ТОП!

Училиштето добива нов сјај, нов лик…Вложениот труд дава резултати, од наесен уште подобри услови за работа на сите…Голема благодарност до Општина Битола за несебичното вложување во нашето училиште. СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ продолжува да нижи успешни приказни! Одиме понатаму!