Доделени наградите од 56-от Државен натпревар на млади истражувачи

Во четвртокот во нашето училиште  беа доделени наградите од овогодинешниот Државен натпревар на млади истражувачи од Македонија на учесниците од Пелагонискиот регион. Натпреварот е 56-ти по ред,  во организација на Народна техника на Македонија и оваа година се одржа онлајн. На него учествуваа ученици кои поддржани од своите ментори ги промовираа своите иновативни идеи и пронајдоци. Истовремено, на пригодниот настан беа доделени и сертификати за учество на 41-та МАКИНОВА 2020.

Во училиштето гости беа претставници од Народна техника на Македонија, од Регионалниот центар од Битола, ученици, ментори…Нив ги поздравија директорот на Народна техника на Македонија, господинот Пере Митрев, и директорот на училиштето, господин Владимир Роме. Тие ја истакнаа важноста на ваквите натпревари каде учениците имаат можност да ги покажат своите достигнувања и дополнително да се мотивираат за уште поголеми успеси. 

СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола е расадник на таленти кои преку натпреварите на Народна техника се докажале и ќе се докажуваат. Од наши ученици и ментори произлегле многу наградени трудови и секоја година имаме забележителни успеси. Така беше и оваа година…Ученичката Евгенија Дивитарова под менторство на професорката Билјанка Христовска доби второ место во категоријата Автоматика и роботика за проектот ЦНЦ машина. Браво за неа, браво за сите успеси што оваа ученичка ги постигна изминатите години.

Им честитаме на сите наградени ученици и ментори…им посакуваме уште многу вакви и поголеми успеси. Се гледаме на 57-то издание на Државниот натпревар на млади истражувачи на кој домаќин ќе биде нашето училиште.