Практична настава во реални услови…

Од минатиот петок започна реализацијата на учењето преку работа кај работодавач за учениците од втора година од образовниот профил Техничар за индустриска мехатроника. Паралелката изведува настава во склоп на дуалното стручно образование и практичниот дел ќе се реализира во компанијата Кромберг и Шуберт. Како што е претходно најавено, СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола од минатата година започна со имплементација на дуалното стручно образование во соработка со Делегацијата на Германското стопанство во Република Северна Македонија.

Учениците под менторство на професорката Александра Колевска го имаа својот прв работен ден во компанијата каде за нив е опремен кабинет со сите предуслови за успешна работа. Исто така, учениците ќе работат и под надзор на назначени ментори од компанијата кои ќе придонесат нашите ученици да се стекнат со практични знаења од областа мехатроника. Според наставниот план, учењето преку работа кај работодавач ќе продолжи со уште поголем интензитет во трета и четврта година, со што учениците од овој образовен профил ќе бидат одлично потковани со практични знаења стекнати во реални услови. На тој начин овие ученици по завршувањето на средното образование ќе бидат далеку пококурентни на пазарот на труд, но и ќе имаат одлична основа за продолжување на образованието на техничките високообразовни институции.

Нека им е со среќа!

Во продолжение линк од напис на веб страната на Стопанска комора на Македонија за вклученоста на компаниите во учењето преку работа:

http://www.mchamber.org.mk/Default.aspx?mId=3&evid=38964&lng=1