Техничко во хуманитарна акција…

СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола се вклучи во хуманитарната акција за изработка на заштитни маски со визири за здравствените работници.

Имено, пред неколку дена на Фесјбук се формираше група од околу 250 доктори, дизајнери, графички дизајнери и сопственици на 3Д принтери, кои почнаа да изработуваат заштитни маски со визири за медицинските работници испечатени на 3Д принтери. Веќе се испорачани 315 маски во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, а потоа ќе се распределуваат според потребата. Фејсбук групата е 3D Принт Медицинска Опрема и ги повикува сите иматели на 3Д принтери од државата да се вклучат во акцијата. Од сите страни пристигнуваат донации за набавка на репроматеријал за изработка на маските. Целокупниот ангажман на сите вклучени добронамерници е без никаква надокнада. Единствен е мотивот да се помогне…

На изработка на маските работат повеќе волонтери од нашиот град кои поседуваат 3-Д принтери. Едни од нив сме и ние како училиште благодарение на добиениот 3Д принтер од Фондот за иновации и технолошки развој. За поздрав е вклучувањето во целата акција на професорот Илче Ацевски и двајца наши бивши ученици Благој Стојчевски и Горан Веловски кои се сопственици на фирмата Тримод Тим. Тука е и фирмата Бабук од Битола…Сите спомнати, а веројатно веќе и други вклучени, изработуваат маски. Во моментот се изработуваат маските и  визирите со кои ќе се опремат локалните медицински работници.

Ги молиме сите засегнати да не прават поединечни нарачки. Распределувањето на изработените маски оди по добиени напатствија и приоритети добиени од Министерството за здравство

Да помогнеме колку што можеме  и да ги почитуваме препораките за заштита од вирусот Covid 19…Заедно ќе успееме!