Капитална инвестиција од 133 000 евра…

Денес во просториите на Генералниот конзулат на Бугарија во Битола беше потпишан договорот за санација и реконструкција на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“. Донацијата е со вредност од 133 000 евра и е наменета за реконструкција на покривот и целосна замена на дограмата во училиштето. Средствата се обезбедени преку Програмата за помош и развој на Бугарската држава кон соседните држави.

Договорот го потпишаа генералниот конзул Димитар Иванов и директорот на училиштето Владимир Роме.

Во своите изјави тие не го криеја задоволството од потпишувањето на договорот и значењето на оваа капитална инвестиција за училиштето.

„Потпишавме договор со кој Бугарската држава преку Програмата за помош и развој обезбеди 133 000 евра помош со која ќе биде реконструирано Средното техничко училиште во Битола. Предвидуваме тоа да се случи во тековната година почнувајќи од месец април, така што учениците од септември ќе изведуваат настава во современа и реновирана зграда. Ќе биде реконструиран покривит и целата дограма. Целта е да се создадат нормални, добри услови за учениците, администрацијата и професорите во училиштето. Целиот зафат ќе даде и позитивен еколошки ефект, затоа што училиштето се загрева на мазут и со санирањето ќе се намалат количините на потрошено гориво”, рече генералниот конзул Димитар Иванов.

„За нас е посебно важна оваа донација бидејќи училиштето од 1986 година откако е пуштено во работа немало никаква капитална инвестиција или пак, реновирање. Дограмата е во очајна состојба, а покривот има азбестни плочи кои се штетни и секаде веќе исфрлени од употреба. На ваков начин ќе создадеме подобри услови за настава на нашите ученици и вработени и успесите што ги постигнуваме ќе бидат уште поголеми. Ќе се заштеди на електрична и топлинска енергија бидејќи во моментот дограмата не функционира, не дихтува и во зима децата мора да седат на настава со виндјакни. Се надевам дека на први септември ќе можеме со конзулот да го пуштиме училиштето во нова опремена состојба со нов покрив со што ќе се надминат проблемите со прокапување по училници и спортската сала”, рече директорот Роме.

Ова е најголема инвестиција во училиштето од неговото постоење. Ќе се трудиме и во иднина да се изнаоѓаат решенија за подобрување на целокупната работа на училиштето.

Нека е аирлија!!!