Петар Атанасовски – еден од најдобрите учесници на Воениот камп за млади во Црна Гора

На 14 и 15 ноември 2019 година во Скопје беа реализирани заеднички активности на најдобрите учесницина Летниот воен камп за млади – Црна Гора 2019. Нашиот ученик Петар Атанасовски беше еден од седумтемина ученици од нашата држава кои беа избрани да учествуваат на наведениот воен камп.

На средбите во Скопје им претходеше 17-дневна обука за разни воени и други вештини на повеќе локации во Црна Гора (Даниловград, Колашин, Плевља, Тиват). Учесниците имаа можност да проследат медицинска обука, натпреварување во топографија и ориентација, ракување со оружје и гаѓање, обука за работа со средства за комуникација, кампување (исхрана и преживување во природа, обука на брзи води и сплаварење – рафтинг, извидничка обука и ориентација во ноќни услови) и обука во качување со јаже.

Петар Атанасовски, со нескриен интерес за воената професија, е задоволен што имаше можност да ги тестира своите вештини како војник, да се здобие со знаења за улогата и значењето на армиите во општеството и да стекне нови пријателства. За него да се облече војничка униформа со знамето на својата држава е посебно и неповторливо искуство.