ФИТР-3Д технологиите, предизвик на денешницата и неопходност на иднината

Конечно пристигна поголемиот дел од опремата за реализација на проектот ,,3Д ТЕХНОЛОГИИТЕ, ПРЕДИЗВИК НА ДЕНЕШНИЦАТА И НЕОПХОДНОСТ НА ИДНИНАТА” кој СОТУ ,,Ѓорѓи Наумов”-Битола го доби како награда од Фондот за иновации и технолошки развој во натпреварот Предизвик за млади истражувачи на 09.06.2018 година во вредност од 250000 денари.

            Главната цел на проектот е да се поттикне иновативноста кај учениците од електро и машинска струка, преку примена и продлабочување на нивното знаење, тимска работа и меѓусебно споделување на знаењето, а долгорочно преку презентации, самиот проект да допринеси за зголемување на интересот кај учениците од основните за средните стручни училишта. Последните години, многу актуелно е 3Д скенирањето и 3Д печатењето. Конкретно овој проект се одвива во самото училиште под лидерство на наставникот Ацевски Илче и со самиот почеток се вклучени седум ученици: Мартин Ристески, Кристијан Ристовски, Антонио Цветковски, Наиле Емини, Петар Илиевски,  Александар Петровски и Мелих Кранли, но секако се вклучуваат и други ученици.

            По набавената неопходна опрема (3Д печатач, електронски компоненти, персонален компјутер, фотоапарат, телевизор и друга потребна опрема и потрошен материјал) кон крајот на декември, учениците започнуваат со изработка на 3Д скенер кој ќе работи врз база на мерење на растојанието на ИР сензор од 3Д објектот кој се скенира, како и 3Д скенер кој ќе работи врз база на фотографии.  Претходно учениците веќе ги направија неопходните припреми од првата фаза, како што е моделирањето на пластичните делови за 3Д скенерите и изработка на механичките делови,  проучувањето на хардверот и софтверот кој ќе се користи и слично, па со доаѓањето на опремата веднаш почнаа со конкретна реализација, односно со конструирање на 3Д скенерите и ќе продолжат по празниците. Оваа активност се надеваме дека ќе заврши до крајот на јануари и покрај празниците и доцнењето на опремата.  

Во февруари, со малку среќа, ќе се започне со скенирање на повеќе оригинални 3Д модели, а добиените 3Д модели од двата скенери ќе се печатат и споредуваат со оригиналите.

Претпоставката е дека 3Д реконструираните модели, од скенерот кој работи врз база на фотографии, ќе бидат поавтентични на оригиналните 3Д модели, отколку оние добиени со другиот 3Д скенер.

Во меѓувреме, ќе може да се вклучуваат и други заинтересирани ученици од училиштето, а ќе бидат организирани и отворени денови со презентации за учениците од основните училишта.