Квиз за одбележување на Неделата за медиумска писменост во Битола

Здружението Ганимед од Битола во рамки на проектот „Тема за дилема“, а како дел од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ во соработка со ТВ 21 вчера реализираше квиз во кој учествуваа сите средни училишта од Битола со свои претставници. Квизот се одржа во просториите на нашето училиште и на него учествуваа ученици кои претходно беа вклучени во работилниците организирани од здружението. Интересно е што реализацијата на квизот одеше по електронски пат, употребувајќи ги најновите технички решенија.

На квиз натпреварот учествуваа седумте средни училишта од општина Битола. Најдобар успех покажаа учениците од гимназијата „Јосип Броз Тито“ кои дадоа најголем број на точни одговори на поставените прашања.

Здружението Ганимед од Битола во рамки на одбележувањето на Неделата за медиумската писменост распиша и конкурс на тема Медиумска писменост и критичко размислување и тоа во две категории: постер со најдобар слоган и постер со најдобар цитат. Конкурсот заврши пред два дена, а според организаторите, интересот од страна на средношколците бил голем, пристигнале голем број на креативни и оригинални постери и одлуката за доделување на награди нема да биде едноставна

За победниците на овој конкурс ќе одлучува стручна комисија, а најдобрите 10 постери со цитати и слогани ќе бидат изложени на изложбата со која ќе биде заокружено одбележувањето на  Неделата за медиумската писменост. Овој настан е закажан за 9 ноември 2018 година во кафулето Porta Jazz со почеток од 12 часот. За најуспешните ученици следуваат симболични награди.

Медиумската недела се одбележува во светски рамки од 5 до 9 ноември, а најмногу активности се реализираат во Канада, САД и некои европски земји. Членовите од здружението Ганимед велат дека ваквите иницијативи и активности треба да се прават и во нашата земја, за истите да станат традиционални настани кои ќе ја промовираат и афирмираат медиумската писменост, слободата на говор и критичкото мислење кај најмладите.

Овој проект го реализира Здружението ГАНИМЕД од Битола со медиумскиот партнер ТВ21 и е дел од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ кој е спроведуван од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк“ – Центар за европски стратегии. Проектот е финансиран од Европска Унија.