Дуално средно стручно образование во Македонија

Денеска нашето училиште го посетија претставници на делегацијата на  германското стопанство во Македонија и претставници на компанијата Кромберг и Шуберт. Имено, германското стопанство во РМ во април 2017 година започна со програмата за “Дуално средно стручно образование во Македонија”. Програмата која е финансирана од Министерство за економија и енергетика на Сојузна Република Германија има за цел да им помогне на компаниите да обезбедат стручни и квалификувани работници преку воведување на системски елементи од германското дуално стручно образование. Овој во Германија веќе докажан систем претставува комбинација на теорија и пракса, при што посебен акцент се става на практичната обука во самите компании.

Во овој контекст, Делегацијата на германското стопанство во Македонија им нуди на компаниите широко портфолио на услуги кои се базирани на германскиот систем на дуално образование и обука, а се ориентирани на нивните потреби. Со цел да создаде платформа за отворена и активна размена помеѓу компаниите, државните институции и останатите засегнати страни, Делегацијата на германското стопанство во Македонија во септември 2017 година основа “Тело за стручно образование и обука” што се занимава со актуелни теми од оваа област. Понатаму, Делегацијата на германското стопанство во Македонија го осигурува квалитетот на стручното образование во компаниите преку разновидни инструменти: курсеви за обука на обучувачи (AdA International), спроведување на годишни и заврши испити како и сертифицирање на компаниите како места за спроведување на дуално стручно образование според стандардите на Асоцијацијата на германски комори за трговија и индустрија (DIHK). Од друга страна, лицата кои ќе се обучуваат, по успешно завршениот испит, ќе се стекнат со сертификат од Делегацијата на германското стопанство во Македонија. Со тоа, за прв пат младите во Македонија ќе добијат обука по германски модел и по германски стандарди.

Целта на посетата беше изнаоѓање на модули за соработка на нашето училиште со компанијата Кромберг и Шуберт во подрачјето на практичната настава. Гостите ги обиколија нашите кабинети и се запознаа со капацитетите и ресурсите со кои располага нашето училиште. Останува во наредниот период да се прецизира како дуалното образова8ние ќе се имплементира во нашиот регион: преку воведување на образовниот профил Техничар за индустриска мехатроника, обавување на феријална практика на наши ученици во Кромберг и Шуберт, опремување на кабинет од оваа компанија и слично.