Грант за опремување кабинети како поддршка од Германската амбасада – Скопје
СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ доби грант од Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје за проектот кој опфаќа опремување на два училишни кабинети – кабинет по физика и кабинет по практична настава во секторот електроенергетика.
На 12 јуни 2018 г., амбасадорот на СР Германија Томас Герберих, градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска и в.д. директорот на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ Владимир Роме потпишаа договор за грантот со вредност од околу 5500 евра.
Добиената финансиска помош предвидува опремување на кабинетите со најсовремена опрема во согласност со барањата на наставните програми по наведените училишни предмети. Исто така, проектот предвидува мали градежни активности со кои ќе се подобри изгледот и функционалноста на внатрешниот простор во кабинетите.
Менаџерскиот тим на Училиштето изразува голема благодарност до амбасадорот Герберих и до вработените во Германската амбасада – Скопје за финансиската поддршка со која ќе се подобрат условите во кои се одвива наставата по физика како општообразовен наставен предмет и наставата во секторот електроенергетика.
Проектот е одраз на нашите заложби за обезбедување подобри училишни услови и поквалитетна настава.