Збратимување на СОТУ Ѓорѓи Наумов и Мави Текник од Измир, Република Турција
Изминатите три дена наши гости беа челните луѓе на училиштето Мави Текник од Измир, Република Турција. Делегацијата ја сочинуваа Серкан Асил, претседател на Управниот одбор, Исмаил Чам – член на Управниот одбор, Халилибраим Јуксел – член на Управниот одбор и директорот на училиштето, Садетин Думлу.
Целта на нивната возвратна посета беше збратимување со нашето училиште и потпишување на меморандум за соработка. Станува збор за приватно училиште кое е отворено пред две години и образува кадри од електротехничката и машинската струка.
Меморандумот содржи повеќе облици на соработка, размена на ученици, заедничко учество во проектни активности, а веќе е договорена и првата посета на наши ученици и професори во месец септември.
Гостите имаа можност да се запознаат со капацитетите и ресурсите на училиштето, а пред нив се претставија и нашите годинешни најуспешни ученици со своите трудови. Чинот на свеченото потпишување на меморандумот беше збогатен и со доделувањето на наградите на најуспешните наши математичари од страна на Сашо Галевски, сопственикот на фирмата Гале Текни, а од страна на в.д. директорот Владимир Роме беше доделена награда на Марија Митковска за ученик на генерацијата 2017/2018.
Делегацијата изрази огромна благодарност за пречекот и срдечноста. Уште поголема тежина на целиот настан даде и градоначалничката Наташа Петровска која ја прими делегацијата во својот кабинет.
Гостите се веќе во својот Измир, во наредниот период следуваат подготовки за есенската размена на ученици.
Нека е со среќа!!!