Потпишан меморандум за соработка со „Монтинг инженеринг“ ДОО – Битола

Денес во просториите на „Монтинг инженериг“ ДОО Битола директорите на средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола и Монтинг инженеринг, Владимир Роме и Томе Тромбев потпишаа меморандум за соработка чија цел е излегување во пресрет на потребите на пазарот на трудот, како и поставување врска помеѓу образовниот систем и стопанството со изведување на практична настава во реални компании.

            Со воведувањето на задолжителното средно образование се намали интересот на основците за тригодишно образование со што во градот веќе силно се чуствува недостатокот од овие кадри. Бравари, заварувачи, металоглодачи, електроинсталатери и монтери се само дел од занимањата за кои се нудат слободни работни места за кои нема кој да се пријави. Се почесто е обраќањето до нас од стопанственици во градот кои се подготвени веднаш да вработат ученици од споменатите занимања за кои нудат и солидни плати. Како резултат на ваквите потреби денес го потпишавме овој меморандум за соработка со фирмата „Монтинг инженеринг“ која во моментот има потреба од голем број на образовани кадри со тригодишно образование.

Формата на долгорочната образовна, техничка и апликативна соработка ќе се остварува на следните начини: 

  • организирање и реализација на практична настава за учениците од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола во „Монтинг Инженеринг“ ДОО Битола;
  • заеднички проекти од истражувачки, развоен и научен карактер;
  • нудење на можности за вработување на ученици со завршено тригодишно или четиргодишно образование кои практичната настава ја изведувале во „Монтинг инженеринг“ ДОО – Битола;
  • различни облици на научна, истражувачка и техничка помош;
  • организирање на курсеви и обуки од страна на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола и издавање на соодветни сертификати.

Ваквата соработка ни е од посебен интерес во пресрет на уписите во прва година во периодот што следи и се надеваме дека обезбеденото вработување ќе биде дополнителна мотивација за основците во изборот на средно училиште каде ќе го продолжат своето образование.

За учениците со тригодишно образование од профилот електроинсталатер и монтер е веќе воспоставена слична соработка со правниот субјект „Електро-Тинтле“ ДООЕЛ Битола кој веќе неколку години наназад обезбедува работни места на образовани кадри кои произлегуваат од нашето училиште.

            На повидок е и потпишување на меморандум за соработка со глобалната индустриска групација „Кромберг и Шуберт“ која е посебно заинтересирана за кадрите што произлегуваат од образовниот профил автотехничар-мехатроничар.

Линк кон веста на порталот Апла