СОТУ Ѓорѓи Наумов се збратимува со техничко училиште од Измир, Р. Турцијa

 
 
 Во периодот 29 април – 3 мај 2018 г. делегација од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“, претставена од в.д. директорот Владимир Роме и помошник-директорот Тони Панов, реализира работна посета на едно од најдобро рангираните средни училишта во Измир, Р. Турција – средното училиште „Мави Текник“.
Училиштето „Мави Текник“ е лоцирано во централниот дел на индустриската зона во Измир. Станува збор за ново приватно училиште што функционира две години и во него се образуваат околу 900 ученици во неколку образовни профили од електротехничката и машинската струка, од областите роботика, авиомеханика, индустриска автоматика, машинска технологија и дизајн, обновливи извори на енергија, биотехника.
Целта на оваа посета е збратимувањето на двете средни училишта што е предвидено официјално да се случи во Битола кон крајот на мај 2018 г. Планираните активности ќе опфатат размена на ученици и наставен кадар и други типови соработка за унапредување на воспитно-образовниот процес. За време на посетата, македонските претставници имаа можност да се запознаат со спецификите на турскиот образовен систем и да се уверат во познатата гостопримливост и љубезност на челните луѓе на турското партнерско училиште. Во духот на желбите за искрена, долготрајна и плодна соработка беа пренесени поздрави и пригодни подароци од Битола и од градоначалничката Наташа Петровска.
Како средно стручно училиште и во иднина ќе ги искористуваме сите можности што ги нуди меѓународната соработка за обезбедување подобри услови за поквалитетен воспитно-образовен процес.