Обука за наставници за креативни работилници

            Имајќи ги предвид современите тенденции во развојот на младите луѓе и потребата од континуирана поддршка, од 24 до 26 јануари 2018 год. во хотел Континентал, Скопје, се одржа обука за наставници за креативни работилници. Во рамките на МИМО проектот во средните училишта ќе се реализираат низа креативни процеси – креативни работилници, а за чија реализација од нашето училиште на тридневната обука учествуваа наставниците Гордана Танеска и Цветанка Митревска. Целта на обуката беше детално запознавање со активностите на Проектот и добивање конкретни насоки за негово реализирање во нашето училиште.

            Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието (МИМО) има за цел  да ја подобри меѓуетничката кохезија меѓу младите во Македонија кои преку креативните работилници ќе  минуваат низ уметнички процес и креативно истражување,  а преку создавање на услови за позитивна интеракција и преку градење на демократските и граѓанските вредности и однесувања кај учениците и младите, ќе им се понудат можности за согледување на проблемите кои се значајни за нив, но и за општеството како целина.

            Искуствата и придобивките од ваквите долгорочни активности ќе се промовираат во рамките на самите училишта, но и пошироко во заедниците, со цел да претставуваат позитивен модел и непосреден поттик за долгорочно и одржливо практикување на креативните процеси.

            Обучените наставници, со помош на уметници-ментори кои ќе го помагаат овој процес, ќе водат работилници и форум театри со одбраната група во периодот од февруари 2018 до мај/јуни 2018, и тоа еднаш неделно по час и половина.