Патронат 2014

Свечено одбележување на патрониот празник

            Средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ на 20 февруари 2014 година свечено го одбележа патрониот празник. По повод овој наш свечен и значаен ден, беше направена промоција на повеќе мали заеднички проекти во кои учениците вложија голем труд. Учениците, менторирани од страна на нивните професори, реализираа богата културно-уметничка програма и успеаја да предизвикаат низа пријатни емоции кај сите присутни.

             Присутните на свеченото одбележување имаа можност да го проследат рециталот посветен на патронот на училиштето – Ѓорѓи Наумов. Потоа следуваа презентацијата „Битола низ вековите“ и поетскиот перформанс со стихови од еден од македонските господари на перото – македонскиот автор Петре М. Андреевски. Учениците од втора година настапија со извадок од комедијата „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ и со модернистичка сценска изведба под наслов „Малечка“. На оваа свеченост беа промовирани два куси филма, од кои едниот се однесува на животот во Училиштето, а другиот ја опфаќа темата на борбата против пороците на 21 век.

             Свеченоста заврши со изведба на познати македонски и странски музички хитови од страна на наши ученици. Ние, вработените и учениците во Средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“, ќе продолжиме и понатаму, како и сите овие години, да бидеме најдобриот промотор на успешноста, амбициозноста и креативноста во нашиот регион и пошироко.
Нека ни е честит и вековит патрониот празник!