СОТУ ,,Ѓорѓи Наумов”- Битола, го прослави патрониот празник на Училиштето

По повод паторниот празник на Училиштето што се одржа под мотото Техничкото училиште во Битола, училиште по мерка на младите, учениците од сите наставни години зедоа учество во настанот, кој имаше за цел да ја отслика положбата на младите средношколци како припадници на современата генерација Македонци за кои училиштето денес претставува простор на меѓусебно почитување и разбирање, без оглед на националната, верска, социјална, економска и културна  припадност. Учениците низ подготвените перформанси под менторство на нивните професори, со рецитирање, пеење и свирење покажаа дека училиштето го доживуваат како нивен втор дом и затоа посветено и ангажирано го градат по нивна мерка. Тие ја истакнаа мислата на големиот француски писател Виктор Иго кој рекол дека оној што ќе ја отвори училишната врата, го затвора затворот! Оттаму, поентираа учсениците на настанот, СОТУ ,,Ѓорѓи Наумов”- Битола, не е за нив само училиште во смисла на обврска, туку тоа е слободата на нивното секојдневно задоволство, омиленото катче на дружба и споделување искуства, место во кое учат низ теорија и работа, и каде што во нивните наставници пронаоѓаат извор на поддршка и потпора за решавање на нивните проблеми.

Со положувањето цвеќе на бистата на патронот, битолскиот револуционер од НОВ и НОБ во Македонија, Ѓорѓи Наумов, беа истакнати неговото херојство и саможртва за одбрана на татковината, што треба да им послужат како пример на денешните генерации за тоа како се сака Македонија.

Беа прочитани и творбите кои пристигнаа на литературниот конкурс отворен по повод патрониот празник на Училиштето, на тема Моето училиште, тоа сум јас.

Учениците од прва година одржаа спортски натпревар во фудбал, во кој учество зедоа и професори и други вработени во училиштето, што уште попозитивно ја раздвижи енергијата на младите и нивниот натпреварувачки дух.

Нека ни е честит патрониот празник на Училиштето и да го прославуваме уште многу години во окружување на среќни и задоволни ученици, кои со секој поминат ден ќе го зацврстуваат својот став за правилниот избор на средното стручно образование.