СОТУ ,,Ѓорѓи Наумов”- Битола го одбележа 21 Март- Светскиот ден на поезијата

 По повод Светскиот ден на поезијата, официјално воведен во 1999 година во Париз, ден што се прославува со книжевни собири низ целиот свет, и нашето училиште испрати пораки во чест на стиховното творештво, овојпат под мотото: Поезијата е предизвик за патување кон непознатото, зборови на македонскиот поет и патник низ најсуптилните светови на поезијата, големиот Ацо Шопов.

 Под менторство на професорките по литература: Наташа Младеновска- Лазаревска, Стојанка Поповска и Слободанка Бошевска, како и поддршката од Педагошко- психолошката служба во Училиштето, ученици од прва година (Милена Дамчевска, Александар Велески, Мануела Спасевска, Теона Василевска, Мартин Стојчевски, Јована Кирјаковска, Александра Ѓалевска, Сара Лозановска, Марија Трајковска, Ана Кирјаковска, Евгенија Митревски, Сара Ивановска и Софи Шеровска), им се обратија на присутните ученици и професори со книжевно- критичка интерпретација на одделни стихови и песни од поети, чиешто поетско творештво оставило неизбришлив белег на современата сцена на македонската и светската поезија. Истовремено, прозборија и прозвучија од царството на поетската небиднина, со звук погласен и помоќен од илјадници зборови, стиховите на Рацин, Шопов и Конески, на Радован Павловски и Матеја Матевски, на Гане Тодоровски, на Петре М. Андреевски. Мајсторски извајаните стихови на овие поети обвиени во ореолот на вечноста, го отворија пред присутната публика поетскиот збор, како ,,молитва, убавина или уште повеќе, како диво во крвта завивање, како збор што кине, граба, сече, носи како лавина, како збор- вечна притаеност и вечно откривање”.

 Психологот Дејан Патрногиќ им се обрати на учениците во насока на потребата од почитување и јазикот и литературата, во функција на интелектуалното и естетското образование на учениците, што ќе ја развијат љубопитноста на учениците за светот околу нив, како и чувството за доживување на убавината на човечкото творештво.

 За впечатливата видеoпроекција на поетските текстови се погрижи професорката Благица Богоевска, така што учениците имаа можност не само да слушаат, туку и визуелно да доловуваат експресии од понудената поетска содржина. Благодарност до учениците од III-4, Снежана Најдовска и Јован Илиевски, за компјутерско- техничката подддршка и  овековечувањето на овој мал, но радосен  момент низ фотографиите во прилог на овој текст.